Капитенот на Охрид, Гоце Ојлески, беше еден од предводниците на тимот до одбраната на трофејот на домашниот турнир. Охриѓани во финалето го совладаа Вардар и по вторпат во низа го освоија турнирот во Охрид.
Ојлески по натпреварот истакна дека задоволството е уште поголемо поради фактот што оваа година конкуренцијата била исклучително силна.
„Оваа година навистина беше еден исклучително силен турнир, на кој имаше доста квалитетни екипи. Ние бевме силни до крај и успеавме да го освоиме пехарот, што секако нè прави многу задоволни“, изјави Ојлески.
Капитенот на Охрид потенцираше дека турнирот бил одлична можност тимот да ги провери своите можности пред почетокот на сезоната.
„Сепак, ова е почеток на сезоната. Испробувавме и вежбавме некои напади и одбрани, така што турнирот добро ни дојде за почетокот на сезоната. На некои натпревари ни недостигаа и одредени играчи, а истото беше случај и кај Вардар, каде што исто така имаше неколку ракометари кои не настапија“, додаде капитенот.
Финалето беше тешко и неизвесно, а заморот беше очигледен кај двете екипи, особено по настапите на турнирот во Струга.
„Беше доста тежок натпревар за играње. Кај двете екипи се виде дека има голем замор. Ова беше последен ден од турнирот, а претходно игравме и во Струга, така што се гледаше дека станува збор за тежок натпревар. Сепак, имавме поголем ростер, ги стегнавме силите и успеавме да стигнеме до победата и да го освоиме турнирот“, вели Ојлески.
За Охрид, ова е втор трофеј во подготвителниот период, откако претходно триумфираше и на турнирот во Струга. Капитенот верува дека овие успеси можат да бидат добра најава за она што следува.
„Кога ќе завршиш како прв, задоволството секогаш е големо. Ова е една добра увертира за претстојната сезона. Како и лани, се надеваме дека ќе освоиме и уште пехари“, порача Ојлески.
Минатата сезона Охрид беше максимален на трите турнири на кои настапи, а ова лето веќе има два трофеи од два турнири.
„Минатата година освоивме три турнири, а оваа година два од два. Се надеваме дека ќе продолжи така и дека ќе освоиме некој од поважните пехари. Како што беше Европскиот куп минатата година, така се надеваме и оваа сезона да освоиме некој од побитните трофеи“, заклучи капитенот на Охрид.
Следен предизвик за Охрид ќе биде натпреварот од Супер Купот против екипата на Вардар на 2 септември од 19:00 часот.
























