Ојлески: Ако ни се укаже прилика за победа над Вардар – ќе ја искористиме

Амбициозниот тим на Охрид во недела во натпревар од 6. коло од плеј-офот во Суперлигата, ќе го пречека тимот на Вардар.

Двете екипи досега одиграле осумнаесет натпревари и на сите подобар бил тимот од главниот град.Сепак охриѓани оваа сезона покажаа дека се сериозен противник и дека можат секого да победат, посебно пред своите навивачи.

Токму тоа може да се покаже и овој пат клучно за добар резултат против двократниот европски шампион, смета левото крило на Охрид, искусниот Гоце Ојлески, кој во својата кариера одиграл многу натпревари против Вардар и знае кој е рецептот за победа.

„Сите знаеме кој е Вардар, големо име во македонскиот и европскиот ракомет, меѓутоа ние се подготвуваме, напорно работиме за да покажеме една добра игра. Не ги исклучуваме шансите за победа, ако ни се покаже прилика секако дека ќе ја искористиме. Секако не треба ни да се залетуваме, треба да дадеме максимум на овој натпревар, играме пред домашната публика, ги повикувам сите да дојдат, да уживаат во овој ракометен спектакл и со нивна помош да направиме еден добар резултат“, вели Ојлески.

Охриѓани, кои моментално се на 2. позиција во суперлигашкиот плеј-оф, ги очекуваат два важни дуели во продолжението, овој против Вардар на домашен терен, а потоа тешко гостување кај секогаш незгодниот Тиквеш, кои ќе го трасираат патот кон Европа.

Сепак Ојлески вели дека е рано за да се одлучи сезоната и дека треба да се оди од натпревар во натпревар.

„Не размислуваме сега за Тиквеш, нашите мисли се насочени единствено кон дуелот со Вардар, каде треба да одиграме со повеќе од 100 проценти од нашите можности, за да оствариме поволен резултат, а потоа чекор по чекор. Мислам дека има уште многу натпревари до крајот на сезоната, нема лесни противници и секој дуел за нас е важен доколку сакаме да се пласираме во некој од европските натпреварувања“, изјави левото крило.

Охрид се скор од 4 победи и 1 пораз е на втората позиција на табелата, додека Вардар е едно место позади, со скор од 3 победи и 2 порази.

Дерби средбата од 6. коло од плеј-офот се игра во недела, 31 март, со почеток од 18:30 часот, во спортската сала „Билјанини Извори“.