Му требаа 20-тина минути на Охриод да „почне да игра“ и да го сврти резултатот во своја корист, на средбата со Тиквеш, но охриѓани планирано се „чекираа“ на Ф4 турнирот од Купот после триумфот 34-25 (15-14). Тие се третиот тим што ќе игра за Куп трофејот, по Вардар и Еурофарм Пелистер.
Клучен период за крајниот исход беше почетокот на второто полувреме кога домашните имаа серија од 6-2 со која резултатски избегаа. За 20 минути игра во вториот дел Охрид постигна 11 гола, а Тиквеш само четири, и тогаш се беше решено.
Охрид беше фаворит, барем на хартија и пред мечот, но почетокот на средбата покажа нешто друго. Гостите од Кавадарци беа без притисок во играта и тоа им донесе водство од 5-2, што беше изненадување за сите во салата во Охрид. Беше расположен Ани Обина кој брзо нанижа пет гола, за само 11 минути од мечот кога гостите ја имаа предноста.
Им требаше на домаќините половина од првиот дел за да дојдат до израмнување на резултатот. Потоа Охрид имаше водство, а Тиквеш израмнуваше. Стигнаа домашните до „плус 2“, но Анастасовски во последната минута намали на 15-14.
По пет минути играње во второто полувреме Охрид имаше шанса првпат да стигне до водство од три гола, но тој напад не го искористи, за веќе во следниот да зголеми на 19-16. Тоа беше првпат Охрид да поведе со три гола. Во 38. минута преку Орјоникидзе домашните зголемија на 20-16 најавувајќи дека тоа е почетокот на нивниот триумф кој ќе ги носи на Ф4 турнирот од Купот.
Домашните имаа серија од 6-2 со која направија позитива во своја корист од пет гола, а тоа беше причина гостинскиот тренер Кристијан Грчевски да побара тајмауат, за да може да подели совети со кои ќе се подобри играта. Акцијата што се договараше заврши во стативата, а домашните од контра зголемија на 22-16. Потоа беше веќе полесно за играње. Охрид доби сила и мотив, а Тиквеш немаше сили за пресврт.