Охрид повторно е ракометен центар – стартуваше јубилејното 5. издание на кампот „40х20“

Охрид повторно е место каде што ракометот се учи, се живее и се сака од најмала возраст. Со повеќе од 120 учесници од пет држави, официјално стартуваше јубилејното, 5. издание на ракометниот камп „40х20“, кој и ова лето е дел од проектот „Ракомет за секое дете“.

Кампот ќе трае до сабота, а во следните седум дена младите ракометари и ракометарки ќе имаат можност да тренираат, да учат од искусни тренери, да се дружат, да стекнуваат нови знаења и да бидат дел од програма што не е насочена само кон спортскиот, туку и кон личниот развој.

Годинава во Охрид има учесници од Македонија, Шведска, Германија, Швајцарија и Србија, што уште еднаш покажува дека кампот „40х20“ одамна ја надмина локалната рамка и прерасна во меѓународна ракометна приказна.

Организаторите и оваа година подготвија богата програма со спортски, едукативни и развојни содржини. Основната цел останува иста – кај најмладите да се развива љубовта кон ракометот, најтрофејниот тимски спорт во Македонија, а кај повозрасните кампери да се надградат техничко-тактичките способности преку работа со квалитетен тренерски кадар.

Тренерскиот тим во кој стандардно се личности кои се дел од едукативниот дел и специјализирани за работа со млади, како Јаковче Матлиевски, Благојче Весиќ, Катарина Капсималиевска, Ивана Ракиќ, годинава е дополнително засилен со реномирани гости. Поранешната македонска репрезентативка Љубица Георгиевска, која повеќе од 25 години живее и работи во Данска, земја што важи за една од најголемите ракометни сили во светот, ќе го пренесе своето искуство на младите учесници.

Во Охрид е и Владан Јордовиќ, еден од најреномираните стручњаци на Балканот и координатор на младинските категории во унгарскиот гигант ПИК Сегед. Неговото присуство е дополнителна вредност за камперите, особено за оние што веќе се во посериозна фаза од својот ракометен развој.

Кампот годинава не се ограничува само на класични тренинзи. Програмата е збогатена и со содржини од спортската психологија, кои ќе ги реализира професорката Ленче Алексовска, врвен македонски спортски психолог и професор на Факултетот за физичка култура. За највозрасните учесници ќе биде спроведена и дијагностика на антропометриските карактеристики и моторичките способности, која ќе ја реализира професорот Ацевски од истиот факултет.

Ракометниот камп „40х20“ првпат беше организиран во 2022 година како дел од проектот „Ракомет за секое дете“. Од тогаш до денес, проектот постојано расте. Покрај кампот, тој опфаќа и ракометна школа, како и организиран турнирски систем во мини-ракомет, со цел создавање квалитетна средина за спортски и личен развој на младите ракометари.

Според информациите објавени од организаторите, интересот за годинашното издание бил огромен, а пријавувањето беше најавено за февруари, со очекување местата да се пополнат за многу кратко време. Тоа не е случајно – во претходните години кампот веќе се наметна како една од најпрепознатливите летни ракометни активности за деца во Македонија.

Охрид и ова лето е домаќин на една убава ракометна приказна. Седум дена тренинг, натпревари, учење, дружење и насмевки – тоа е формулата со која „40х20“ продолжува да расте и да ја шири идејата дека ракометот треба да биде достапен за секое дете.