Ракометарите на Целје ја запишаа втората победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако слаеше против Партизан со 32-26.
По 5-5 во првите десетина минути, словенечкиот тим почна да се одлепува резултатски. Антонијевиќ и Миличевиќ дириграа со нападот на Целје и следуваше огромна серија од шест гола по ред за 11-6.
Во продолжение по тајм-аутот на Ѓорѓе Чирковиќ, Партизан заигра поангажирано, се рашутира Црноглавац и до паузата српскиот тим успеа да намали од негативата на минус еден гол, 14-13.
На стартот на вториот дел се играше израмнето и се чинеше дека Партизан ќе може да го комплетира камбекот во мечот. Израмни српскиот тим на 15-15, но Целје одново фати ритам, зголеми на 19-16.
Потоа момците на Пауло Переира отидоа и на плус пет, 22-17 и до крајот немаше дилеми околу конечниот победник. За Целје ова е втора победа и на дуел со Вардар ќе го реши патникот во финалето на турнирот.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Лука Периќ со пет погодоци, додека кај Партизан се истакна Никола Црноглавац со осум погодоци. Целје се израмни со по четири бода со Вардар, додека Партизан и Охрид ќе се борат за третото место во групата.