Селекторот на машката репрезентација на Австрија, Алеш Пајовиќ, е новиот тренер на поранешниот европски првак Фленсбург.
Бундеслигашот денеска го промовираше Пајовиќ како нов тренер, двете страни се договорија на соработка, која ќе биде со важност до летото, 2027 година.
Искусниот стратег од Словенија на кормилото на Австрија е од 2019 година и успеа со своите избраници да оствари забележителни резултати на големите натпреварувања.
Австрија на Европското првенство минатата година беше едно од најголемите изненадувања и настапот на континенталниот собир го заврши во ТОП 8, а исто така, ја освои 8. позиција и на ЕП во 2020.
Пајовиќ во својата играчка кариера настапуваше за Целје, Магдебург, Кил, Атлетико Мадрид…За репрезентацијата на Словенија одигра над 175 меѓународни натпревари и запиша над 690 погодоци.
Фленсбург веќе подолг временски период се обидуваше да најде замена за Данецот Николај Крикау. Тимот до зимскиот период го водеше Љубомир Врањеш.