Од сезоната 2027/28 – ќе има нов систем за женската Лига на шампиони

Европската ракометна федерација донесе одлука за промена на системот на натпреварување во женската Лига на шампиони, а новиот формат ќе почне да се применува од сезоната 2027/28. Одлуката ја потврди Извршниот комитет на ЕХФ на последниот состанок од сезоната 2025/26, одржан во Келн.

Според новиот систем, во Лигата на шампиони и понатаму ќе играат 16 екипи, но тие повеќе нема да бидат поделени во две групи со по осум тима. Наместо тоа, ќе има четири групи со по четири екипи.

Првите три тима од секоја група ќе обезбедат место во главната рунда, каде ќе бидат формирани две групи со по шест екипи. Од таму, по четири клуба од секоја група ќе се пласираат во четвртфиналето, а натпреварувањето и понатаму ќе завршува со Ф4 турнирот.

Промени ќе има и во ЕХФ Европската лига за жени. Во ова натпреварување ќе учествуваат 24 клуба, поделени во шест групи со по четири екипи, по што ќе следи нокаут фаза. Во осминафиналето ќе одат по двете најдобри екипи од секоја група, а ќе им се придружат и четири клуба од Лигата на шампиони, односно последнопласираните екипи од групната фаза на елитното натпреварување. ЕХФ потврди и дека во Европската лига нема да има квалификациски рунди.

Од ЕХФ појаснуваат дека ова е чекор кон дополнително зајакнување на женските клупски натпреварувања, а на среден рок постои намера системот кај жените уште повеќе да се доближи до оној што веќе е потврден кај мажите, каде Лигата на шампиони ќе се игра со 24 екипи.