OФИЦИЈАЛНО: Од Металург во Битола – Филип Арсеновски потпиша за Еурофарм Пелистер 2

Како што пред два месеци прв најави 24Ракомет, пивотот на Металург, Филип Арсеновски си замина од Автокоманда, а потписот за Еурофарм Пелистер 2 беше официјализиран денеска.

Ракометарот што беше дел од младинската селекција која беше шестопласирана на Мундијалот во 2017 година и претходното лето беше поврзуван со напуштање на Металург, но до тоа не дојде. Сега е веќе јасно дека се сели во редовите на битолскиот тим.

Арсеновски ќе биде дел Еурофарм Пелистер 2, каде што ќе треба да се докаже за да може да добие место и во првата екипа што значи дека му претстои тешка сезона во која ќе има многу напор. Раководството на битолчани ќе го пријави за настап во регионалната СЕХА лига за првиот тим.

Досега Еурофарм Пелистер 2 се засили со Цветан Кузманоски од Струга и Никола Стоилевски од Металург 2, а нови договори потпишаа Стефан Дрогришки, Стефан Талевски и капитенот Васко Димитровски. Професионални договори потпишаа и четворица младинци, па тимот што ќе биде предводен од Александар Јовиќ нема да биде лесен залак за ниедна екипа во Суперлигата.