Новото засилување на Еурофарм Пелистер – тоа што ќе им го дадеш на навивачите, двојно ќе ти го вратат!

Еурофарм Пелистер во Малик Татар доби големо засилување за новата сезона. Најдобриот стрелец во словенечкото првенство со нетрпение го очекува дебито пред битолската публика и првите настапи во дресот на македонскиот вицепрвак.

Словенечкиот бек е презадоволен од првите денови во новата средина и истакнува дека добро знае што претставува ракометот за Битола и колку големи се очекувањата од играчите на Еурофарм Пелистер.

„Атмосферата е супер, соиграчите, сите имаме иста цел. Знаеме дека во Битола се живее за ракометот и затоа ние треба да живееме за нив. Како што Червар кажува, логично, така и јас не сакам да губам. Сакам да се борам и да дадам сè од себе. Тука во Битола, тоа што ќе им го дадеш на навивачите, тоа и ќе ти го вратат. Од година во година македонската лига е сè посилна и сè повеќе се вложува во ракометот. Ќе биде тешко, но мислам дека можеме да ги оствариме нашите цели“, изјави Татар.

Пелистерци веќе ги одработуваат подготовките за новата сезона, а главниот дел од нив ќе го реализираат во Словенија, каде што ќе одиграат и три контролни натпревари.

Потоа следуваат три средби од Регионалната лига против Партизан, Дубочица Лесковац и Ловќен, пред стартот на Супер лигата и дерби гостувањето кај Охрид.