Хрватскиот репрезентативец Леон Љевар веќе е едно од најинтересните имиња на регионалната ракометна сцена, а од следната сезона ќе го носи дресот на Вардар.
25-годишниот лев бек со своите настапи против Шведска експресно го привлече вниманието на јавноста, а многумина веќе го споредуваат со легендарниот Блаженко Лацковиќ.
Љевар последните две сезони игра за словенечки Слован, а во Лигата на Европа сезонава постигна дури 44 гола на шест натпревари. Хрватот откри дека имал понуди и од други клубови, меѓу кои и Загреб, но проектот на Вардар бил пресуден.
„Разговарав и со Загреб, но почувствував дека во Вардар ќе добијам повеќе простор и подобри услови за напредок. Ми се допадна проектот што ми го претставија“, изјави Љевар за „Спортске Новости“.
Новиот вардарец посебно е мотивиран што ќе работи со Иван Чупиќ.
„Пресреќен сум што ќе соработувам со Иван Чупиќ. Верувам дека под негово водство ќе направам уште еден голем чекор напред. Ќе играме во Лигата на шампионите, а тоа отсекогаш бил мој сон“, порача Љевар.
Тој откри и дека Вардар создава нова млада и перспективна екипа.
„Освен мене, доаѓаат и Матео Фадуил, како и Мохаб Абделхак од Кил. Се создава интересен тим и верувам дека ќе ни биде одлично во Скопје“, додаде хрватскиот репрезентативец.
Интересно е што Љевар не поминал низ младинските селекции на Хрватска, туку до врвот стигнал преку потешкиот пат, играјќи за Матуљи, Трсат, Козала, Замет и Рибница пред трансферот во Слован.
А ракометот го избрал по инспирацијата од настапите на Хрватска на Светското првенство 2009 – одлука што денес го носи директно во редовите на двојниот европски шампион Вардар.
___________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























