Македонскиот суперлигаш Охрид продолжува да се засилува за идната сезона, во која ќе влезе со големи амбиции.
По ангажирањето на Тилен Стрмљан, Предраг Вејин и Николас Лиапис, нов член во редовите на „гладијаторите“ ќе биде повремениот репрезентативец на Хрватска, Анте Иванковиќ, пренесува „Balkan-Handball“.
24-годишниот ракометар потекнува од школата на Дубрава, а во периодот од сезоната 2021 до 2023 година беше дел од Целје. Со словенечкиот тим учествуваше на европска сцена, поточно во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа и постигна вкупно 80 погодоци во најквалитетното европско натпреварување.
Одличните партии во Целје беа забележани од страна на раководството на Штутгарт, па така поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Хрватска во месец февруари, 2024 година, успеа да направи трансфер во Бундес лигата.
Левиот бек во Штутгарт ја игра втората сезона, а во Македонија ќе го има третото интернационално искуство.
Охриѓани во новата сезона ќе бидат предводени од поранешниот селектор на Србија, Борис Ројевиќ.