Лазаров пак „пазареше“ во Битола

По најавените трансфери на десното крило Ненад Костески и можното заминување и на Урош Борзаш, следува и трет трансфер на релација Битола – Автокоманда во тимот на македонскиот селектор Кирил Лазаров за следната сезона.

Своевремено големиот потенцијал на македонскиот ракомет, Емилијан Ѓорговски, по четири сезони поминати во Битола ќе се врати во Скопје и ќе го облече дресот на „сино-белиот“ тим од Автокоманда, дознава 24Ракомет. Двете страни веќе подолго време преговараат и договорени се сите детали за трансферот.

Ѓорговски во првата сезона по доаѓањето во Битола играше за Еурофарм Пелистер 2, во првата сезона постигна 100 погодоци во Супер лигата, потоа беше прекомандуван во првата екипа, но ретко добиваше минутажа, а сезонава откако дојде Раул Алонсо ретко се наоѓа(ше) во составите во Лигата на шампионите и во Супер лигата.

Тој потекнува од Струга, го носеше дресот на Голден Арт КЛ7, каде дебитираше во Супер лигата, но раководството на тогашниот клуб во кој беше инволвиран и Кирил Лазаров и младиот лев бек не се разделија на убав начин.

Сега одново ќе имаат шанса да соработуваат и да покажат дека нема повеќе „зла крв“. На левата бековска позиција сезонава во „сино-белиот“ тим играат Португалецот Франциско Силва, Дамјан Митев, Михајло Младеновиќ и Иван Џонов…дел од нив имаат активни договори, а дел ќе си заминат од Автокоманда.

Во времето додека беше во Голден Арт КЛ7, Ѓорговски се наоѓаше на поширокиот список на националниот тим. Откако замина во Битола тоа се случуваше многу ретко, но можеби сега одново ќе биде во комбинација за настап во сениорската селекција.

Освојувачот на трофејот во Купот носи македонски ракометари, но паралелно има активни преговори и со повеќе интернационалци, па нема да биде чудно, ако следната сезона во Автокоманда играат повеќемина странци од актуелните двајца.