Ракометарите на Партизан ги продолжуваат подготовките за новата сезона на Уб под водство на новиот тренер Раул Гонзалес, но српскиот шампион се соочува со сериозни кадровски проблеми уште на самиот почеток.
Откако стана јасно дека српскиот репрезентативец Милош Кос ќе паузира најмалку еден месец по операцијата на десната рака, под знак прашалник е и настапот од стартот на сезоната на едно од најголемите летни засилувања – Владислав Кулеш.
Според информациите на „Моцарт Спорт“, белорускиот лев бек има проблеми со грбот и веќе една недела не тренира со екипата. Поради повредата го напуштил тренажниот процес и заминал од Србија, а во клубот се надеваат дека со терапии ќе успеат што побрзо да го вратат на теренот.
Кулеш во изминатите години често имаше проблеми со повреди, а минатата сезона поради повреда на рамото одигра мал број натпревари за германскиот Мелсунген.
Главоболките за Раул Гонзалес се уште поголеми ако се знае дека и Кос и Кулеш настапуваат на позицијата лев бек. Доколку не закрепнат навреме, товарот на оваа позиција на стартот од сезоната ќе го понесат Симо Шијан и Аљоша Дамјановиќ.
Партизан новата сезона во Лигата на шампионите ја отвора на 10 септември со домашен натпревар против Фуксе Берлин, а настапот на Кос и Кулеш на овој дуел засега останува неизвесен.
Претходно Партизан го очекуваат натпревари од регионалната лига и двојно гостување во Македонија. Сезоната ќе ја отвори на 23 август со меч во Битола против Еурофарм Пелистер, додека на 26 август ќе гостува во Автокоманда кај тимот на Кирил Лазаров, но на овие средби шпанскиот стратег Гонзалез нема да смета на своите два нови адути.

























