Трансферот што го најави 24Ракомет денеска доби своја официјализација – Јована Кипријановска е нова ракометарка на полскиот Старт Елблаг.
Македонската репрезентативка и во новата сезона ќе настапува во полската Супер лига, но во дресот на нов клуб.
24-годишната ракометарка во вториот дел од минатата сезона го носеше дресот на Рух Калиш, каде на 14 натпревари постигна 50 гола и забележа 44 асистенции, потврдувајќи дека е една од најдобрите десни бекови во полскиот шампионат.
Кипријановска потекнува од Куманово, каде ја започна професионалната кариера и освои две титули во Купот на Македонија и една шампионска титула. Потоа три сезони настапуваше за францускиот Самбр Авеноа, со кој избори пласман во елитната лига на Франција, а кратко беше дел и од унгарскиот Сомбатељ.
Македонската репрезентативка е стандарден член на националниот тим, настапуваше на Европските првенства во 2022 и 2024 година, а со Македонија обезбеди и пласман на ЕП 2026.























