Нов клуб на македонската сцена – се роди ЖРК Атлетик!

Ракометната сцена во Македонија ќе биде побогата за уште еден женски клуб – се роди ЖРК Атлетик. Според податоците од Централниот Регистар на Македонија, клубот го доби решението за регистрација на 21 март, а меѓу основачите има познати имиња. Клубот ќе биде со седиште во Скопје и ќе гравитира во Општина Аеродром.

Покрај Крсто Ноневски, Александар Краљевски и Александар Кузманов, меѓу основачите запишани во Централен Регистар се и некогашната репрезентативка и директорка на Вардар, Ана Стојков, нејзиниот сопруг Горан Стојков, како и Дејан Блажески, таткото на голманот на Бутел Скопје – Бојан Блажески.

Претседател на клубот е Горан Стојков, а покрај себе како „десна рака“ ја има и Ана Стојков кој своевремено беше дел од женскиот, а потоа и од машкиот тим на Вардар во најдобрите времиња кога „црвено-црните“ играа на Ф4 турнирите во Келн и во Будимпешта, и освојуваа медали и титули.

Имињата на ракометните работници кои се меѓу основачите се гаранција дека се работи за сериозен проект, за кој допрва ќе бидат познати амбициите и начинот на функционирање.

Радува фактот што покрај ЖРК Атлетик, Јехона од Гостивар најави учество и во женската сениорска конкуренција, а во најава има формирање на уште неколку клубови, па со право јавноста ќе очекува подигање на нивото на женскиот клупски ракомет во Македонија во иднина.