Машката младинска репрезентација на Македонија утре го започнува настапот на Европското првенство во Романија, каде за ривали ќе ги има скандинавските селекции – Данска и Норвешка, како и селекцијата на Хрватска.
Хрватите со два порази од Словенија со 34-33 и 33-27, но и со победа над Унгарија со 36-32 отпатуваа на ЕП.
Норвешка дојде во Романија со две победи и тоа против Данска и Шведска. Норвежаните најпрво ја победија Данска со 37-34, додека славеа и против Шведска со 39-34. Најдобри стрелци кај Норвешка беа централниот бек Соберг со 17 гола и десниот бек Сеирстад со 13 погодоци на двата меча, па нашиот стручен штаб знае од каде може да доаѓа најголемата опасност.
Данците по поразот од Норвешка со 37-34, славеа против Шведска со 32-31, а нивниот селектор им даде шанса на сите ракометари, сите се запишаа во листата на стрелци, па резултатот не им беше во преден план.
Македонија утре ќе го стартува настапот на ЕП со дуелот од 13:30 часот против селекцијата на Норвешка, додека во вториот меч ќе се соочат Данска и Хрватска.
























