Амбициозниот тим на Охрид во вториот дел од сезоната, односно во разигрувањето на титулата ќе биде посилен со уште еден интернационалец.
Ново име во составот на Стевче Алушовски ќе биде средниот бек од Јапонија, Хироки Мацуока. Toj ќе биде вториот Јапонец што ќе игра во македонското првенство, по Косуке Јасухира, кој го носи дресот на Вардар.
За услугите на Мацуока интерес покажаа многу клубови, но охриѓани ја добија битката за неговото ангажирање. 26-годишниот ракометар во Охрид ќе пристигне од суперлигашот на Чешка, Брно. Во тимот на Брно го имаше првото интернационално искуство и со клубот забележа настапи и во Европскиот Куп.
Во третото по ранг европско клупско натпреварување на шест одиграни наптревари постигна 15 погодоци, додека минатата сезона во шампионатот на Јапонија во дресот на Осака, беше избран за МВП, најдобар среден бек и стрелец.
Иако ракометарот од Јапонија со Брно имаше важечки договор, сепак, двете страни одлучија спогодбено да се разделат и секој да си продолжи по својот пат. Алушовски на позицијата среден бек ги има на располагање уште Стефан Дрогишки, Ерај Каракоч, Горан Крстевски и Звонимир Сафранко.
Охрид веќе обезбеди пласман во плеј-оф фазата и во вториот дел од сезоната ќе се бори за едно од местата кои што водат во Европа.