Нов договор за Ивана Џатевска во Унгарија

Македонската репрезентативка Ивана Џатевска и во сезоната 2026/27 ќе биде дел од унгарскиот клуб Сомбатхељи, откако двете страни договорија продолжување на соработката. Клубот потврди дека 22-годишната пикерка и натаму ќе го носи дресот на СЗККА, со што ја задржува една од важните алки во ростерот и за следната сезона.

Од унгарскиот клуб посочуваат дека Џатевска оваа сезона има значајна улога во тимот. На 22 натпревари таа постигнала 37 голови, а покрај придонесот во нападот, била важна и во дефанзивниот дел од играта.

По потпишувањето на новиот договор, Џатевска изјави дека е среќна што останува во клубот и дека Сомбатхељи во изминатиот период станал нејзин втор дом. Таа нагласи дека чувствува напредок и како ракометарка и како личност, со јасна цел и понатаму да се развива, да го дава максимумот на секој тренинг и натпревар и да му помогне на тимот да стигне до уште поголеми цели.

Македонската интернационалка додава и дека верува во потенцијалот на екипата и со нетрпение го очекува продолжувањето на заедничкиот пат со соиграчките, стручниот штаб и навивачите. Воедно, таа се заблагодарила за довербата од клубот, истакнувајќи дека ќе се обиде да ја оправда со уште поголема посветеност и силни настапи на теренот.