Николовска: На двомечот со Елче ќе влеземе без притисок и со ладни глави!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров во четвртфиналето од Европскиот Куп за ривал го доби шпанскиот тим Елче.

Ривалот на македонскиот шампион без многу проблеми стигна меѓу најдобрите осум екипи во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Капитенот на Ѓорче Петров, Анастасија Николовска, најави голема борба во четвртфиналниот двомеч со клубот од Шпанија.

,,Влеговме во најдобрите осум во Европскиот Куп, кругот е сѐ потесен и екипите се со сличен квалитет, кој котира на едно повисоко ниво. За ривал го добивме шпанскиот Елче, станува збор за екипа која моментално е третопласирана на табелата во најсилното натпреварување во Шпанија. Од досега виденото, тие во својот ростер имаат доста постари и искусни играчи, но тоа не значи ништо. Нивната предност е Шпанската лига, која е поквалитетна од нашата, речиси секој натпревар им е дерби, но ние ќе влеземе во овој двомеч без притисок, со иста мисла, иста цел и со ладни глави, а топлото македонско срце ќе не води напред”, изјави Николовска.

Натпреварите од четвртфиналето ќе се играат на 9/10 март, односно 16/17 март, а македонскиот првак ќе го игра реваншот на домашен терен.

Доколку ја мина оваа пречка, Ѓорче Петров, во полуфиналето оди на победникот од шпанскиот двобој меѓу Гран Канарија и Гранољерс.

Каков ривал доби Ѓорче Петров – во Македонија доаѓа легендарната До Насименто