Ѓорче Петров со пораз се враќа од Ниш

Македонскиот шампион Ѓорче Петров со пораз ја отвори новата сезона во Регионалната лига, откако загуби на гостувањето во Ниш кај српскиот вицепрвак Наиса со 19-16.

Домаќинките за пет минути поведоа со 3-0, пред Трпеска конечно да ја погоди домашната мрежа. Следуваше еден хаотичен период со промашувања и технички грешки на двете страни.

Вујисиќ беше солидна на голот, па Наиса не се одлепи, но ниту Ѓорче Петров не ги користеше своите прилики. Затоа стигна казната, нишкиот состав отиде на 6-3, но Ризоска набрзина врати со два гола по ред за 6-5.

Но повторно „лавиците“ затаија во нападот, не успеваа да го погодат домашниот гол, а по тајм-аутот на домашниот стратег Живковиќ, Наиса се одлепи на 10-6, но Шубериќ се погрижи за минус три на паузата со голот од пенал.

Слично се играше и во вториот дел, Ѓорче Петров одново врати на минус еден, 14-13, но потоа две грешки во нападите кои можеа да го свртат мечот и да се влезе во егал завршница и Наиса го прифати подарокот.

Домаќинките преку Митровиќ и Мандиќ отидоа на 17-13, а „црната дупка“ во нападот на „лавиците“ траеше десетина минути пред Ризоска да ја прекине со гол за 18-15, но веќе беше доцна да се направи нешто повеќе на овој меч.

Во редовите на македонскиот првак се истакна само Емилијана Ризоска со седум погодоци. Следен предизвик за Ѓорче Петров ќе биде домашниот натпревар против српската Јагодина на 5 септември.