Николоски го предводеше Младост до победа над неготинци, Драчево сигурен против Текстилец

Екипата на Младост Богданци на свој терен триумфираше над довчерашниот суперлигаш Вардар Неготино со 37:33 (16:15) во натпревар од 7. коло од групата Б и сега на свое конто имаат четири победи.

Гостите од Неготино беа рамноправни до 40 минута, потоа домаќините со неколку мини серии успеаја да се одлепат и до самиот финиш одржуваа солидна резултатска предност.

Кај Младост Богданци одличен натпревар имаше младинскиот репрезентативец Антонио Николоски, кој зад своето име запиша десет погодоци. Во поразениот табор Мирослав Митевски имаше 11, два помалку Драган Кузманов, а осум гола додаде Костадин Петров.

Ракометарите на Драчево дојдоа до 4-ти сезонски триумф во Првата лига, откако на свој терен одиграа фуриозно против Текстилец, триумфираа со 38:26 во натпревар од 7. коло од групата Б.

Избраниците на Велимир Настевски победата ја најавија уште во првите петнаесетина минути кога имаа предност од 12:3, без многу проблеми го одиграа последниот период од првиот дел и на пауза заминаа со плус, 14, 22:8.

Вториот дел беше повеќе формалност, во која домашниот тим не попушти ни за момент, а гостинот поради кратката клупа немаше многу опции на располагање, па високиот пораз на штипскиот клуб беше неизбежен.

Најефикасен во победничката екипа беше Лазар Стојанов со девет погодоци, два помалку имаше Ѓорѓи Дука. Во гостинскиот табор прво име беше Филип Џинес со девет реализации.