Тимот на Пролет ќе има познато име за предводник за продолжението од сезоната во Супер лигата, во кое ќе се бори за место во плеј-офот. По ненадејната смрт на Александар Јовиќ, раководството на Пролет се најде во временски теснец и реши Никола Матлиески да биде нов тренер. Toj веќе го имаше и првиот тренинг со екипата.
Матлиески се враќа во позната средина, долги години беше играч во составот на Пролет, а беше и тренер. Последниот ангажман го имаше минатата сезона во тимот на Тиквеш од Кавадарци. Сега ќе има предизвик да го однесе Пролет во разигрувањето за титулата.
Стружанецот ја започна тренерската кариера во младинската екипа на Металург, беше тренер на Металург 2, работеше во Пролет и во Голден Арт пред да се пресели во Кавадарци. Беше селектор и на кадетската репрезентација на Македонија, а беше дел од стручниот штаб на сениорската селекција на Македонија на две големи натпреварувања.
Со екипата на Пролет имаше добри резултати и избори пласман и во европските купови. Сега ќе се бори со екипите на Бутел Скопје, Прилеп и Тиквеш за пласман во ТОП 6.