Црногорскиот женски ракомет доби нова приказна, и тоа приказна што уште на стартот ќе има регионален предизвик и македонска врска. Официјално беше претставен новиот клуб ЖРК Лавице УДГ, развоен проект зад кој стојат големи имиња на црногорскиот ракомет, а клубот веднаш ќе биде дел и од новоформираната Регионална лига.
Тоа што за Македонија ја прави веста уште поинтересна е фактот дека новиот црногорски проект ќе се најде во регионалната приказна заедно со македонските претставници Ѓорче Петров и Чаир.
Лавице УДГ уште не одиграле официјален натпревар, но веќе предизвикаа внимание. Клубот е формиран со поддршка на Универзитетот Долна Горица, а основачи се легендарните црногорски репрезентативки Милена Раичевиќ, Соња Бајрактаровиќ, Анѓела Булатовиќ и Радмила Петровиќ, заедно со поранешниот репрезентативец и тренер Игор Марковиќ. Интересно е дека Милена Раичевиќ е избрана за директорка на Регионалната лига, а е основач на новиот клуб.
Идејата не е веднаш да се создаде сениорски гигант, туку систем. ЖРК Лавице УДГ е замислен како развоен клуб, фокусиран на долгорочен напредок на младите ракометарки, со настапи во домашното првенство, регионални натпреварувања и сезонски кампови. Од клубот најавуваат работа со девојчиња родени 2010 година и помлади, кои ќе се натпреваруваат во Втората црногорска лига и во Регионалната лига.
Игор Марковиќ, кој ќе биде дел од стручниот дел на проектот, истакна дека задачата на клубот не е само да учи девојчиња да играат ракомет, туку да ги учи на дисциплина, одговорност, работа и меѓусебно почитување. Според него, секое девојче има свој развоен пат и клубот треба да му овозможи напредок според потенцијалот.
Претседателката на клубот Милена Раичевиќ нагласи дека Лавице УДГ не е создаден за да биде конкуренција некому, туку партнер во развојот на црногорскиот ракомет. Таа порача дека целта е девојчињата пред сè да се заљубат во ракометот и од клубот да продолжат посигурни, поподготвени и со вистински спортски вредности.
Радмила Петровиќ, поранешната капитенка на Будуќност, испрати силна порака за колективот. Таа истакна дека децата треба да научат дека има збор поважен од „јас“, а тоа е „ние“ – на терен, во соблекувална и во животот.


























