Тимот на Вардар Неготино славеше злато вредна победа во битката за опстанок против составот на Голден Арт со 27-26, иако во поголем дел од натпреварот беше во негатива. Сепак со одличен финиш, успеаја да го скршат отпорот на гостинските ракометари. Мечот беше одбележан со низа грешки на двете страни, а во трилер завршницата подобро се снајдоа неготинци. Тие сега се втори на табелата со 12 бодови, додека Голден Арт останува шести со шест бода.
Гостите отворија со водство од 5-0, а домаќините немаа многу решенија во нападот. Тренерот на неготинци, Игор Котевски повика тајм-аут, Даниел Ацев застана на голот и предноста на Голден Арт полека се топеше.
Вардар Неготино намали на 7-4, а потоа по водството на Голден Арт со 9-6, домаќините предводени од Адамовиќ успеаја да израмнат на 10-10. До крајот на полувремето неготинци дури и стигнаа до предност, 15-14, но на пауза се замина со реми, откако стрелаше Милошески.
Во второто полувреме Голден Арт ја имаше контролата брз резултатот, водеше најчесто со два или три гола разлика, а Вардар Неготино промашуваше чисти ситуации и имаше многу технички грешки. Ниту гостите не беа најсјани во овој елемент, па во последните десетина минути се влезе со предност на Голден Арт со 25-24.
Тогаш гостите останаа со играч помалку, Митевски погоди за реми, а потоа истиот играч украде топка и донесе предност за Вардар Неготино. Голден Арт продолжи со грешките и домашните стигнаа до плус два, 27-25. Ончев најпрво намали на минус еден, неговиот тим имаше шанса и за реми, но Мицев стигна да одбрани.
Следуваа грешки на двете страни, па беа погодени две стативи, и во последната минута се влезе со водство за Вардар Неготино, 27-26. Домашните промашија, но и гостите се реваншираа и тргнаа во последен напад, кој и немаше потреба да се реализира, па трите бода останаа во Неготино.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лазар Адамовиќ со осум и Мирослав Митевски со седум, додека голманите Ацев и Мицев имаа десет интервенции. Во тимот на Голден Арт се истакна Милошески со девет гола.