Навивачите и раководството го загубија трпението – европскиот вицепрвак го отпушти тренерот!

Данецот Мартин Албертсен не е повеќе тренер на европскиот вицепрвак Ференцварош, објави унгарскиот клуб на својот веб-сајт.

Иако клубот информира дека станува збор за спогодбен раскин на договорот, јасно е дека Данецот доби отказ поради слабите резултати на стартот на сезоната.

На последниот натпревар во Лигата на шампионите, меѓу Ференцварош и Рапид Букурешт, кој заврши реми 24-24, навивачите на унгарскиот клуб долго време скандираа „Auf wiedersehen“, а тоа беше знак за управата да реагира брзо.

Претходно Ференцварош, каде што играат екс вардарките Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ, загуби од Мец, Вајперс Кристијансанд и Крим.

Во домашното првенство му оди подобро и досега има четири од четири, за разлика од Ѓер, кој веќе има еден пораз.

Замена за Албертсен ќе биде неговиот досегашен асистент, Данецот Алан Хајне.