НАЈ НАЈ НАЈ…ФОТОГРАФИЈА: Титулата по 18 години се врати во Битола

Тимот на Еурофарм Пелистер минатата сезона конечно ја оствари зацртаната цел, стана шампион на Македонија и првото место на битолчани им донесе настап во Лигата на шампионите.

Пелистерци натпреварувачката сезона 2022/23 ја завршија со биланс од 13 победи во регуларниот дел од сезоната и 13 победи во плеј-оф фазата, одиграа реми со Еурофарм Пелистер 2 во есенскиот дел од сезоната и загубија еднаш од големиот ривал Вардар во разигрувањето за титулата.

Еурофарм Пелистер ја израдува Битола по пауза од 18 години, пред да ја освои титулата минатата сезона, битолчани последен пат славеа во 2005 година.

Во новата сезона амбициите на битолчани се одбрана на титулата во првенството и трофеј во Купот на Македонија.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер титулата ја прославија на 27 мај, после одиграниот натпревар против Тиквеш, најпрво во спортската сала „Боро Чурлевски“, потоа и на плоштадот „Магнолија“.

Битолскиот тим со освоеното прво место минатата сезона дојде до седум шампионски титули, првата ја освои во далечната 1993 година кога стана првиот шампион на независна Македонија.