Тимот на Младост Богданци славеше убедливо на гостувањето кај Јехона со 39-29 во натпреварот од 4 коло од прволигашкиот плеј-оф и се врати во трката за второто место што води во бараж за Супер лига.
Лидер на табелата е Еурофарм Пелистер 2 со 24 бода, седум повеќе од „витамините“ од Автокоманда и Македонија ЃП кои имаат по 17, пред Драчево со 15 и Младост Богданци со 14 бода, па трката по второто место ќе биде интересна и возбудлива.
Иако гостиварци одлично отворија и поведоа со 5-1, сепак Младост полека се враќаше во игра и израмни на 8-8. Иако гостите имаа и плус два, 11-9, сепак Јехона парираше и на пауза се замина со реми, 17-17.
На стартот на второто полувреме, Младост набрзина отиде на плус три, па на плус пет и Јехона немаше сили за камбек, па богданчани рутински го доработија финишот на мечот за убедлива победа.
Младинските репрезентативци Антонио Николоски и Ѓорѓе Атанасов со 12, односно осум гола беа лидери на Младост кон триумфот, а во домашниот тим се истакнаа Адис Салиу и Бојан Давидоски со по седум погодоци.