Младинците од денеска на собир, има четири промени во однос на мундијалскиот тим

Машката младинска репрезентација од денеска е на собир во рамките на ЕХФ неделата во која ќе одигра две пријателски средби со Турција на гостински терен.

Селекторот Раде Стојановиќ објави список на кој има 18 ракометари, на кој недостигаа двајца од оние што играа на Мундијалот – повредените Антонио Николоски од Младост Богданци и Дамјан Субашевски од Бутел Скопје.

Во меѓувреме отпадна и Славчо Шулески од Тиквеш поради повреда.

Нови имиња на списокот се Андреј Глигоров од Голден Арт, како и Петар Стојаноски од истиот клуб, а се враќаат Димитар Узунчев од Мулти Есенс и Михаел Тотиќ од Пролет.

Младинците ќе играат пријателски средби со Турција на 3 и 4 ноември, како дел од подготовките за настапот на ЕП 2024 година во Словенија.