Машката младинска репрезентација ќе се бори за 19 место на Европското првенство во Романија, откако по изведувањето на пеналите загуби од Полска со 33-32. Мечот во регуларниот дел заврши 28-28, а Македонија имаше голем камбек по негативата од три гола во последните четири минути, 28-25.
Во пенал серијата погодија Крстевски, Ѓокески, Лазов, Тевдовски, шутот на Каевски го одбрани Бурзава, но Полјаците ги погодија сите пет и ќе разигруваат за 17 место против победникот од дуелот меѓу Србија и Летонија, а ние ќе играме со поразената селекција од таа пресметка.
Голманот Ѓорѓи Николовски имаше 16 одбрани и беше избран за МВП на мечот, а најдобар стрелец беше Марин Крстевски со осум погодоци. Шест даде Христијан Ѓурмешевиќ, а Бобан Поповски стрелаше пет пати. Во полскиот состав Тржаковски постигна седум гола.
Избраниците на Игор Илиевски на старт се одлепија на водство од 8-4, откако предводени од одличниот Николовски на голот, како и од Поповски и Ѓокески во нападот, успеаја да постигнат три гола за една минута.
Сепак Полјаците набрзина се вратија во егал, 8-8, но тоа не ги поколеба нашите момци. Македонија ја имаше контролата на теренот, но и противникот имаше расположен голман во името на Калета, па сега не дзволи повисока предност.
Македонските младинци водеа со еден или два гола разлика, но Полска иако остана без Висински кој стартуваше остро врз Лазов, сепак успеваше да се враќа во игра и на паузата нашите момци водеа со гол предност, 16-15.
Слично се одвиваше и вториот дел, Полјаците играа груба одбрана, па добија уште еден црвен картон Ленчковски, кој грубо го оттурна Матески. Се играше најчесто гол за гол, а по водството на Македонија со 25-24, противникот врза три гола во серија.
Нашиот напад почна да паѓа, голманот Бурзава одбрани два пати во серија, во моментите кога се кршеше резултатот другиот полски голман Калета му фати и пенал на Крстевски, па следуваше казна и водство на Полска со 28-25.
Лошата серија ја прекина Поповски, потоа и Тевдовски беше прецизен за минус еден, 28-27, кога остануваа уште две минути за игра. По полската грешка, Поповски беше во контра за реми, но Бурзава фати зицер.
Полскиот селектор Јурашик побара тајм-аут на четириесетина секунди до крајот. Нивниот напад беше пасивен, Николовски им го фати псоледниот удар и Македонија тргна да израмни. Беше изнуден пенал, Крстевски биеше прецизено во последната секунда и мечот мораше да се решава со удари од седум метри.























