Младинците на Стојановиќ ја треснаа Франција, можат ли сениорите на Лазаров?

Во јули во Словенија на Европското првенство за младинци, Македонија славеше против Франција со 30-29 во битката за 9 место и тоа беше прв триумф на некоја машка селекција над европската и светска велесила.

Јунак на тој меч беше Иван Галевски, кој одбрани пенал по истекот на времето, а тој и денеска ќе биде во конкуренција за настап. Од младинската селекција кај сениорите се и Валентин Карасманакис и Александар Петковски.

Дали сениорите на Кирил Лазаров можат да ја повторат сензацијата на младинците на Раде Стојановиќ, ќе видиме вечерва околу 22:00 часот.

Македонија и Франција досега одиграа четири официјални натпревари, два од квалификациите за ЕП 2016, а потоа уште два на континенталните собири на ЕП 2016 и ЕП 2024.

Најблиску до „галските петли“, Македонија беше на дуелот во Скопје, кој заврши со триумф на Франција со 27-25, а потоа три победи на ривалот со 11, 10 и седум погодоци разлика.

Петтиот меѓусебен меч, Македонија и Франција го играат вечерва од 20:30 часот во „Вараждин Арена“.