Легендарната српска голманка Катарина Томашевиќ реши да стави крај на играчката кариера на 41 година.
Популарната „министерка за одбрана“ беше меѓу најзаслужните за пласманот на Србија на Мундијалот во Германија и Холандија, откако имаше одлична партија на реваншот против Словенија во вториот дел од мечот.
Томашевиќ реши дека тој натпревар во националниот тим ќе и биде последен во богатата играчка кариера.
„Не сум некој што пишува тажни приказни, не сакам збогувања. Тие се здодевни, а јас не сум таква…А и немам причина да рагубаме, туку сум среќна и горда што можам да кажам – дојде крајот. Мечот во Бор, во дресот на Србија, е последниот што го играв во кариерата. Со полно срце, среќна и насмеана, а најмногу од се горда бидејќи бев актерка во најважниот меч за нашиот ракомет. Заминувам и им оставам во аманет на младите генерации да продолжат по моите стапки. Не да продолжат, туку и да ме престигнат…Дојде време за крај, да тргнеме по свој пат, но не засекогаш, бидејќи јас само малку ќе земам здив и ќе се вратам, само во друга улога“, напиша Томашевиќ на социјалните мрежи.
Томашевиќ играше последно во Бекамент Аранѓеловац, во Србија уште беше дел од Зајечар, а во својата биографија има запишано настапи за Хипо Банка, Есбјерг, Бера Бера, Турингер, Нант, Ференцварош, Дунајварош, Сомбатељ и ПАОК Солун.