Милосављев „полуде“ на голот, Фуксе Берлин на чекор до четвртфинале во ЛЕ

Екипата на Фуксе Берлин е на чекор до пласман во четвртфиналето во Лигата на Европа, откако во првиот дуел од осминафиналето против Кадетен Шафхаузен триумфираше со четири гола разлика, 32:28 (16:15).

Голема заслуга за победата на „лисиците“ имаше екс голманот на Вардар, Дејан Милосављев, кој блескаше меѓу стативите. Српскиот репрезентативец денешниот дуел го заврши со 17 одбранети удари.

Нападот на Фуксе Берлин беше предводен од Матијас Гидсел со девет и Ханс Линдберг со шест погодоци, додека во тимот од Швајцарија голманот Кристијан Пилиповиќ имаше 11 одбрани, а листата на стрелци беше предводена од Патрик Мартиновиќ со седум реализации.

На чекор до пласман во четвртфиналето се наоѓа и романскиот шампион Динамо Букурешт. Избраниците на Чави Пасквал во првиот дуел против Силкеборг триумфираа со 37:34 (18:16) и реваншот во Данска ќе го стартуваат со позитива од три гола.

Одлична партија во дресот на Динамо Букурешт имаше Миклош Роста со девет погодоци, голманот Владимир Цупара бранеше кога беше најпотребно и запиша 13 интервенции. Кај Силкеборг најрасположени за игра со седум погодоци беа Емил Мадс и Вилијам Богојевиќ.