Разигрувањето за титулата во Женската лига започнува токму денес, а најдобрите шест екипи ќе се сретнат по четири пати меѓусебе.
Плеј-оф фазата ќе биде отворена со натпреварот меѓу двата поранешни шампиони – Вардар и Куманово, кои првото сезонско соочување ќе го имаат со почеток од 17:30 часот. Останатите два натпревари од првото коло ќе бидат одиграни во текот на утрешниот ден.
Една од најдобрите ракометарки во оваа сезона и членка на Вардар, Леона Миленкоска, ги сподели своите очекувања за плеј-оф фазата.
,,Како екипа со нови играчи, првиот дел од сезоната го искористивме за воигрување на екипата. Нашите очекувања за вториот дел од сезоната се да обезбедиме пласман во првите три екипи во плеј офот, за што ќе го дадеме максимумот на секој натпревар. Ќе биде доста интересно”.
Младата ракометарка фаворитската улога за првото место во плеј-офот му ја препушта на Ѓорче Петров.
,,Оваа сезона фаворит е екипата на Ѓорче Петров, ги респектираме сите екипи, ние ќе ја играме нашата игра, но топката е округла и може да има многу изненадувања. Пред сѐ голем успех е да сме во плеј-офот и како што кажав, да завршиме во топ 3 и да имаме убав крај оваа сезона без повредени играчи”.
Оваа сезона Женската лига се играше во три групи по пет екипи во регуларниот дел, во кој немаше никакви возбудувања, но затоа во плеј-офот ќе ги има многу повеќе.
,,Сметам дека сегашниот систем на натпреварување треба да се промени и да се формира нова женска Супер лига , која ќе биде составена од помалку екипи со подеднаков квалитет кои ќе играат повеќе натпревари меѓу себе. Со тоа ќе се зголеми конкуренцијата и атрактивноста на лигата. Исто така сметам дека сите клубови треба да имаат екипи во сите младински категории, и повеќе да се вложува во помладите генерации, кои се иднина на македонскиот ракомет”.
Миленкоска истакнува дека атмосферата во вардаровиот табор е на највисоко ниво.
,,Атмосферата во тимот е одлична, сите се поддржуваме и тоа нè мотивира да покажуваме добри резултати на натпреварите. Иако сме екипа со млади играчи, со нашата напорна работа на тренинзите ќе покажеме дека можеме да се справиме со сите екипи”
Денешниот натпревар меѓу Вардар и Куманово ќе се одигра во спортската сала „Круме Кепески“, со почеток од 17:30 часот.