Мијатовиќ: Нема опуштање против никој, ќе дадеме се од себе Тиквеш првпат да игра на Ф4

Претстојниот викенд во многу сали низ Македонија ќе се одиграат натпреварите од групната фаза во Купот на Македонија.

Тиквеш во салата „Јасмин“ ќе има можност да се избори за прво учество на завршните турнири. Кавадаречкиот тим најпрво ќе се соочи со Еурофарм Пелистер 2, а доколку слави го чека победникот од средбата меѓу Прилеп и Мулти Есенс.

Левиот бек Срѓан Мијатовиќ ги сподели очекувањата пред натпреварите.

„Очекувањата пред Куп натпреварите се како и пред било кој натпревар досега. Играме на домашен терен, ќе ја имаме поддршката од нашите навивачи, а тоа ни дава ветар во грб. Атмосфера каква што имаме ние во Кавадарци ретко кој има. „Лозари“ се нашиот осми играч. Еурофарм Пелистер 2 е млада екипа, со многу талентирани момци, така што не смее да има никакво опуштање и се подготвуваме како и за секој натпревар досега“, вели Мијатовиќ.

Кавадарчани ќе се обидат да обезбедат прв историски настап на завршните турнири во Купот.

„Ова натпреварување го сфаќаме навистина сериозно и сигурен сум дека ќе дадеме се од себе за првпат да одиме на Ф4. Покажавме дека можеме да играме со сите и се надевам дека ќе одиграме максимално да ги оправдаме очекувањата“, продолжи Мијатовиќ.

Тиквеш од полусезоната има нов тренер.

„Раде Стојановиќ донесе некоја нова енергија во екипата и мислам дека ќе можеме да растеме како екипа како што ќе поминува времето. Досега некои работи се наместија како што треба, но сигурно дека е потребно време да се навикнеме и ние на него, како и тој на нас индивидуално. Се тренира многу добро и сериозно и мислам дека таков однос сигурно мора да донесе нешто добро на крајот“, заврши Мијатовиќ.

Кавадарчани играат утре на пладне против Еурофарм Пелистер 2, Прилеп и Мулти Есенс играат два часа подоцна, додека финалето е на програмата од 18:00 часот.