Металург РА падна во Ѓорче Петров, домаќинот на чекор до плеј-оф

Тимот на Македонија Ѓорче Петров направи голем чекор кон обезбедување на место во плеј-офот за Супер лигата, откако на домашен терен славеше против Металург РА со 30-29.

Во интересен натпревар, момците на Дејан Коцев го победија фаворитот и сега имаат 10 бода на четвртото место, три повеќе од директните конкуренти Овче Поле и Кичево.

Двете екипи имаа свои моменти во мечот, на паузата беше 16-15 за домашните, но во последните пет минути се влезе со плус два за Металург РА, 28-26. Тогаш почнаа големите возбудувања.

Македонија Ѓорче Петров преку Марковски и Божиновски успеа да израмни на 28-28, а откако Металург РА згреши третпат по ред, стигна и казната за комплетен пресврт преку Јовчевски.

Гостите од Автокоманда се изборија за реми со голот на Петровски од пенал, па останаа уште четириесетина секунди за напад на Македонија ЃП. Херој на домашниот тим беше Божиновски кој погоди за водство со 30-29.

Металург РА не успеа да упати удар кон голот во завршните моменти и трите бода останаа дома. Тимот од Автокоманда веќе е во плеј-офот, но Македонија ЃП направи голем чекор кон разигрувањето за Супер лига.

Најдобри стрелци во гостинскиот тим беа Петровски со 12 и Николовски со 11 гола, но нивните партии се покажаа залудни. Во победничкиот состав се истакнаа Ѓиноски со седум, како и Петровски и Марковски со по пет гола.