Металург РА го запиша првиот триумф во прволигашкиот плеј-оф

Ракометарите на Металург РА триумфираа над Младост Богданци со 30:26 во натпревар од 2. коло од прволигашкиот плеј-оф. За тимот од Автокоманда денешната победа беше прв триумф во вториот дел од сезоната.

По израмнетиот старт, гостите од Богданци имаа фуриозен налет и по нерешените 5:5 успеаја да постигнат шест гола во низа, поведоа со 11:5 во 18 минута. Како одминуваше времето домаќините се враќаа во игра и во 25 минута најавија камбек, откако намалија на 12:11.

Тука беше јасно дека домаќинот влегува во игра за освојување на бодовите, до крајот на полувремето се играше гол за гол, а по 30 минути игра резултатот беше 15:14 во корист за гостинскиот табор.

Металург РА на почетокот на вториот дел израмни на 15:15 и од тој момент се стартуваше од нула. Беше 20:19 за гостите во 40 минута, потоа домашниот табор направи серија од 5:0 одлепувајќи се на 24:20. Гостите десет минути беа без реализација, кризата ја прекинаа во 49 минута.

Сепак, до крајот домаќините не дозволија Младост да се врати во игра, водеа со три до четири гола разлика и тоа беше доволно за да го обезбедат првиот триумф во прволигашкиот плеј-оф.

Најефикасен во редовите на победничката екипа беше Филип Петровски со десет погодоци, додека во поразениот табор се истакна Илија Чрчев со шест реализации.