Металург Автокоманда водеше со 20-0, па го совлада Шампион со 43 гола разлика!

Ракометарките на Металург Автокоманда одиграа како на тренинг со Шампион и го совладаа со 43 гола разлика, 56:13 (29:4) во натпревар од 8. коло.

Новакот во Женската лига победата ја обезбеди уште на самиот старт, со фуриозен налет речиси на секоја минута постигнуваше гол во мрежата на домашниот тим.

Избраничките на Дамчевска најпрво поведоа со 10:0, потоа постигнаа уште десет гола во низа за 20:0, a Шампион првиот гол го постигна дури во 22 минута.

По оваа голема разлика, високиот пораз на Шампион беше неизбежен, тимот на Металург Автокоманда со половина сили го одработи вториот дел, во кој постигна 27 погодоци.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Металург Автокоманда, Мила Трајковиќ, која зад своето име запиша 14 гола.

Металург Автокоманда во следното коло од Женската лига за ривал го има Астибо, додека Шампион ќе игра против Спартак.