Новакот во Женската лига, Металург Автокоманда, прослави убедлива победа на гостувањето кај Овче Поле Славјански Универзитет со 27-19.
Победникот беше решен уште по првиот дел, кога избраничките на Јулијана Дамчевска примија само четири гола, а постигнаа 12.
Вториот дел беше само формално одработување на задачата, а во финишот тимот од Автокоманда остана без Анастасија Трпеска, која доби црвен картон поради три исклучувања.
Тоа не беше пречка за гостинките да ја задржат разликата од првото полувреме и да прослават нови три бода во Женската лига.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гулицоска со пет гола, како и Миновска, Калајџиеска и Трајковиќ со по четири погодоци. Во составот од Свети Николе се истакнаа Конева со седум и Вучевска со шест гола.