Ракометарките на Металург Автокоманда славеа убедлив триумф во дерби-натпреварот против Чаир со 33:24 во рамките на 9. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.
Ракометарките на Чаир пред стартот на натпреварот излегоа со црни маички во чест на починатите во Кочани.
За Металург Автокоманда ова беше седма победа во плеј-офот, а со новите два бода се задржаа на второто место со вкупно 15 бода. Вицепрвакот Чаир, пак, останува на третата позиција со 13 бодови.
Во првото полувреме беа постигнати повеќе голови, а избраничките на Јулијана Дамчевска за нијанса беа подобри. По нерешените 5:5, тимот на Металург Автокоманда направи серија од 3:0, се одлепи на 8:5 и до крајот на полувремето најчесто водеше со 2-3 гола разлика.
По 30 минути игра, резултатот беше 16:13 во корист на домаќинот. Во вториот дел, Металург Автокоманда осетно ја зголеми разликата, се одлепи на до 22:15 во 40-та минута. Во тој момент Чаир како да се предаде, а избраничките на Дамчевска дојдоа до двоцифрена предност, 28:18, по што завршницата беше само чиста формалност.
Најефикасна во победничката екипа беше Марија Гугуљанова со осум погодоци, седум постигна Борјана Коцева. Во тимот на Чаир прво име беше Теодора Гулицоска со 12 погодоци.