Мечот Партизан – АЕК не се одигра!

Реванш натпреварот помеѓу Партизан и АЕК Атина, кој требаше да започне уште во 18:00 часот во салата „Бањица“ воопшто нема да биде одигран.

Како што е познато,  најпрво инцидентите во салата доведоа до негово одложување. Во салата беа присутни повеќе од 2.500 гледачи, кои дојдоа да го бодрат домашниот тим.

Меѓутоа, дочекот за грчкиот тим беше непријатен. За време на загревањето, навивачите на Партизан, „Гробарите“, фрлија три топовски удари на теренот, што го натера стручниот штаб и ракометарите на АЕК да се повлечат во соблекувалната.

Поради оваа ситуација, играчите се повлекоа за неколку минути, но по кратката пауза се вратија на теренот. Сепак, ситуацијата повторно се влоши кога уште еден топовски удар одекна, што ги принуди повторно да се повлечат.

Капитенот на Партизан, Никола Зечевиќ, се обиде да ги смири навивачите и ги молеше да не фрлаат ништо на теренот, но инцидентите продолжија.

Ваквата ситуација доведе до тоа дека воопшто нема да се одигра планираниот натпревар, иако грчкиот тим бараше да се испразни салата и да се игра без публика.

Каква одлука ќе донесе Европската ракометна федерација (ЕХФ), ќе биде познато наскоро, но најверојатно АЕК Атина ќе продолжи во полуфиналето, а српскиот тим ќе биде казнет.

АЕК Атина на првиот четвртфинален натпревар, кој се одигра минатиот викенд, победи со 27-22.

🎥 Хаос во Белград: Полна сала го дочека АЕК, летаа топовски удари, стартот доцни…