Матлиески: Охрид е квалитетен тим, но вечерва на теренот постоеше само Тиквеш

Тиквеш на домашен терен во салата „Јасмин“ се израдува на нов, петти триумф оваа сезона, откако славеше во дербито против Охрид со 32-30.

Тренерот на домашните Никола Матлиески беше задоволен од изданието на неговите ракометари на дуелот со охриѓани.

„Честитки за моите играчи кои покажаа како треба да се игра за боите на клубот, за градот, за верните навивачи и мислам дека ги задоволија нивните критериуми со залагањето и борбеноста на теренот. Оваа победа е заслужена, напорно се спремавме минатата недела, сите играчи го дадоа максимумот од 1 до 60 минута. Охриѓани играа до крај и не се предаваа, иако губеа шест гола разлика, меѓутоа играа до крај и се бореа. Тие се квалитетен тим, но денеска на терен постоеше само Тиквеш. Одигравме максимално коректно“, вели Матлиески.

Како и на секој натпревар во „Јасмин“, така беше и вечерва – „Лозари“ без прекин ги поддржуваше ракометарите.

„Лозарите и домашната публика се нашиот осми играч на теренот. Секогаш сме дополнително мотивирани да играме на домашен терен. Тие се наш ветар во грб и не сакавме да ги изневериме, ако нешто ни фалеше во играта, тогаш тие го надополнуваа. Нормално дека ќе има и подеми и падови, водевме шест, Охрид намали на еден гол, но моите играчи покажаа карактер, тимски карактер, на колектив, кој ги исфрла поединците во преден план. Ова е тимска победа, целосно заслужена од играчите и со поддршка на навивачите“, заврши Матлиески.

Следен предизвик за Скопје ќе биде домашниот натпревар со Скопје во вторник, а в четврток ќе биде дербито со вицепрвакот во Автокоманда.

Тиквеш сезонава е перфектен – петти триумф по ред со заслужена победа над Охрид