Македонските арбитри беа во право: ЕХФ ја отфрли жалбата на Шведска!

Европската ракометна федерација ја одби жалбата на шведската федерација, која беше упатена веднаш по завршувањето на мечот со Франција.

Швеѓаните се жалеа на одлуката на македонската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, да не користат ВАР систем по голот на Елохим Пранди од слободен удар по кој Французите се изборија за продолженија, а потоа и за триумф.

Но ЕХФ потврди дека македонските арбитри се во право.

„По внимателна анализа на ситуацијата, комисијата утврди дека е дискреционо право, а не обврска на судиите на ЕХФ да се користи технологијата ВАР. Таа се користи само кога судиите имаат сериозни сомневања за донесување правилна одлука или кога не можат правилно да ја согледаат ситуацијата. Тоа е само одлука на судиите или на делегатот дали да се користи ВАР. Одлуката да не се користи ВАР спаѓа во опсегот на правните регулативи на ЕХФ, како и на регулативите на ЕП. Затоа конечната одлука не е предмет на никаков протест и тој се отфрла“, се вели во соопштението на ЕХФ.

Швеѓаните ги чека дуел за трето место на ЕП против домаќинот Германија, додека Франција ќе игра финале со Данска.