Црногорскиот репрезентативец Вуко Борозан ќе биде ново засилување за тимот на Кирил Лазаров од следната сезона, пренесува „Моцарт Спорт“.
Искусниот лев бек, кој веќе има богата кариера зад себе и титула во ЕХФ Лига на шампиони со Вардар, повторно ќе се врати во Скопје, но овојпат во редовите на клубот од Автокоманда.
Иако најавуван како „македонски проект“, сепак се чини дека и од Автокоманда не се задоволни од падот (2024 – второ место, 2025 – трето место, 2026 – многу веројатно четврто место), па ќе се свртат кон странскиот пазар.
Борозан оваа полусезона настапува за Охрид, каде пристигна по разделбата со Вардар, но поради повреда не игра на последните натпревари. За 32-годишниот ракометар, тимот од Автокоманда ќе биде четврти македонски клуб во кариерата, по настапите за Металург, Вардар и Охрид.
Во тимот од Автокоманда веќе се Урош Борзаш и Монси Пал Тордарсон, доаѓаат и Словенците Матиц Сухолежник и Нејц Цехте, а допрва ќе биде познато дали ќе има уште некое странско засилување.

























