Македонската репрезентативка Матеа Чурлиновска на само 20 години реши да ја заврши играчката кариера.
Во емотивно писмо објавено на социјалните мрежи, прилепчанката откри дека ракометот по осум години нема повеќе да биде дел од нејзиниот живот.
Кариерата на Чурлиновска одеше по нагорна линија со голема брзина. Нејзините почетоци се во родниот град Прилеп, а потоа беше дел од Куманово, Ѓорче Петров и Атлетик, со кој минатата сезона обезбеди промоцијата во женската елитна конкуренција во Македонија.
20-Годишната голманка имаше активен договор со Атлетик до 2029 година, но нема да го одработи до крај.
Зад себе има настапи за кадетска, младинската и сениорската репрезентација. Беше дел од селекцијата што го освои ЕХФ шампионатот за кадетки во Литванија во 2021 година, потоа играше на кадетското СП и младинското СП во Македонија во 2022, односно 2024 година, а беше дел и од сениорската репрезентација на ЕП 2022 и ЕП 2024.
























