France vs North Macedonia, 29th IHF Men’s World Championship 2025, Varazdin, Croatia, 25.01.25, Mandatory Credit © Eva Manhart / kolektiff

Македонија загуби од Франција, но заврши во ТОП 16 на СП!

Репрезентацијата на Македонија со поразот од Франција од 32:25 го заврши настапот на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Хрватска. Македонија ќе заврши во ТОП 16, а конечниот пласман ќе се знае по комплетирањето на сите натпревари од последното коло од главната фаза.

За Македонија ова беше успешно првенство, новата генерација предводена од Кире Лазаров покажа дека може да им парира на секоја репрезентација, па така во иднина сите наши ривали ќе нѐ гледаат со други очи и со поголем респект.

Натпреварот го отвори Македонија со голот на средниот бек Марко Митев, кој беше нерешлива енигма за француската репрезентација. По осум минути игра имаше две петки на семафорот.

Иако Наи заработи црвен картон, тоа не ги поремети редовите кај ,,експертите” кои со три гола во низа дојдоа до 8:5. Митревски фати неколку топки, па така нашата репрезентација успеа резултатски да се доближи, намали на 8:7.

Ниту Франција не играше на ниво, па така избраниците на Лазаров израмнија на 9:9. Французите искористија дел од грешките на Македонија и повторно дојдоа на максималните плус три од воведните десет минути, 12:9, а на десет минути пред крајот на првиот дел зголемија на плус четири, 13:9.

Серијата на Франција ја прекина Мартин Серафимов со одличен гол во мрежата на ривалот, намали на 13:10. Предноста на избраниците на Жил беше 15:10 во 22-та минута, а Македонија успеа да стопи дел од негативата и намали на 15:12 во 24-та минута. По 30 минути игра, резултатот беше 18:14 во корист за ,,триколорите”.

Франција за пет-шест минути во второто полувреме зголеми на 22:16, а во 40-та минута имаше плус седум, 23:16. Македонија некако успеа да излезе од кризата намалувајќи на 23:19. До крајот Франција одигра според планираното, нашата репрезентација се бореше да изгуби со помала разлика и успеа во тоа, а свои моменти меѓу стативите имаше младиот Иван Галевски, успеа да им одбрани неколку удари на противничките играчи.

Најефикасен кај Македонија беше Филип Кузмановски со осум погодоци, четири запиша младиот Марко Митев.

Германија рутински одработи против Тунис, триумфираше со 31:19 (18:8), а шутерски расположен против африканската селекција беше Марко Гргиќ, постигна 11 погодоци од 14 обиди.