Македонија тргна моќно на „Трофеј Карпати“

Машката младинска репрезентација на Македонија со победа го започна настапот на силниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија, откако во дуелот со Саудиска Арабија триумфираше со 39:27.

Македонската репрезентација доминираше во најголемиот дел од натпреварот, ривалот од Азија беше рамноправен само до средината на првото полувреме, сѐ останато мина во знакот на нашите репрезентативци.

Саудиска Арабија го имаше првото водство при 2:0, по што „црвено-жолтите“ ја презедоа контролата над резултатот, за првпат поведувајќи со два гола разлика, 4:2. Ривалот на Македонија за момент израмни на 4:4, но избраниците на Раде Стојановиќ водени од расположениот Ненад Белистојаноски, кој првиот дел го заврши со 100% реализација, имаше пет од пет, започнаа постепено да се одлепуваат.

Македонија во 20 минута имаше предност од „плус шест“ 14:8 и со иста брзина продолжи во последните десет минути од првиот дел, во кој составот на Саудиска Арабија беше целосно надигран. Младинците на Македонија рутински ја одржаа стекнатата предност и на полувреме заминаа со шест гола разлика, 19:13.

И вториот дел помина во апсолутна доминација на Македонија. Ракометарите на Саудиска Арабија во желбата да дојдат до помала негатива сѐ почесто правеа грешки. Како одминуваше времето растеше предноста на македонската репрезентација и составот на Стојановиќ осетно ја зголеми предноста.

Најефикасен во таборот на Македонија беше Белистојаноски со пет погодоци, по четири постигнаа Самоил Ристевски, Дејан Михајловиќ, Димитар Узунчев и Никола Ристески.

Ракометарите на Македонија утре ќе играат против домашната репрезентација, додека в недела е дуелот со Словачка.

Овие контролни средби се дел од подготовките за настапот на Европското првенство 2024.