Македонија поразена од Хрватска на „Кроација Куп“

Женската сениорска репрезентација на Македонија беше поразена од Хрватска со 26:18 во рамки од турнирот „Кроација Куп“ кој се одржува во хрватскиот град Новиград.

Покрај лошата реализација, денеска свој ден немаа ниту голманките, Мицевска (0/11), Петковска (0/9), а младата Чурлиновска во дадената минутажа успеа да одбрани три удари на противничките.

Избраничките на Ивица Обрван од самиот старт наметнаа свое темпо и константно беа во предност, во неколку наврати Македонија се закануваше, но немаше сили за камбек, па така Хрватска ги казнуваше речиси сите грешки на нашата репрезентација.

Домаќинките на полувреме заминаа со предност од 14:8 и рутински ги одработија вторите 30 минути, во кои немаше поголема промена на теренот.

Најефикасна во Македонија беше Ива Младеновска со три гола, останатите, кои се запишаа во листата на стрелци, имаа по два и еден гол.

Македонија утре, во истиот термин, 16:00 часот силите ќе ги одмери со Србија. Дуелот со северниот сосед ќе биде последниот тест пред настапот на Европското првенство во Дебрецин.

Ракометарките на Македонија во рамки од групната фаза за ривали ги имаат репрезентациите на Шведска, Унгарија и Турција на континенталниот собир, а најдобрите две ќе продолжат во главната фаза.