Машката сениорска репрезентација на Македонија беше поразена на вториот контролен дуел од Романија со 28:24.
На првиот пријателски меч одигран вчера, романската репрезентација триумфираше со 32:27.
Македонија во Браила не настапи во комплетен состав, поради повреда не отпатуваа Филип Кузмановски, Ненад Костески, Томислав Јагуриновски и Павле Атанасијевиќ.
Домаќинот имаше одличен старт и за пет минути игра постигна три гола, додека нашата репрезентација првиот гол го постигна во 7 минута преку десниот бек Серафимов, кој намали на 3:1. Романците во дуелот со „црвено-жолтите“ играа мотивирано, го имаа расположениот голман Дан Василе и во 10 минута имаа предност од 6:2.
Избраниците на Кире Лазаров постигнаа два гола во низа, намалија на 6:4, но и домашната репрезентација возврати со иста мера и кон крајот на првиот дел повторно се одлепи на плус четири, 8:4.
Македонија во еден момент се консолидира, се доближи на 8:7 и во преостанатите десет минути од првиот дел дозволи домаќинот да ја зголеми предноста. Ракометарите на Романија играа во посакуваниот ритам и на полувреме имаа активен резултат од 15:10.
На почетокот на вториот дел црвен картон заработи Цветан Кузманоски, па така Македонија беше додатно ослабена. Ривалот на Македонија немаше поголеми проблеми да ја одржи стекнатата предност, во 40 минута водеше со 23:17, а десет минути подоцна предноста на Романија беше 25:20 и во тој момент беше јасно дека македонската репрезентација ќе биде поразена.
Најефикасен во Македонија беше Мартин Серафимов со пет погодоци, по четири постигнаа Марко Митев и Жарко Пешевски.