Македонија победнички во Литванија, со една нога е на ЕП!

Женската сениорска репрезентација на Македонија со денешната победа против Литванија од 31:28 практично обезбеди настап на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Македонија на гостувањето во Виљнус имаше падови во двете полувремина, но никако не дозволи Литванија да направи сензација. Нашата репрезентација веќе може да се радува на нов настап на континенталниот собир, по оној во 2022 кога Скопје беше дел од домаќинската улога на најдобрите европски репрезентации.

Домашната селекција до средината на првиот дел имаше активен резултат, водеше со еден гол разлика, потоа од 15 минута, па се до крајот на првиот дел, се сменија улогите на теренот и Македонија беше репрезентацијата која ја диктираше играта. Откако беше 8:8, десното крило Ристовска со два гола во низа ја однесе Македонија на плус два, 10:8.

Избраничките на Кристијан Грчевски од тој момент беа подобри на теренот, при финишот на првиот дел водеа и со три до четири гола разлика, но по 30 минути игра  „црвено-жолтите“ имаа 17:15.

Литванија направи камбек на почетокот на вториот дел израмнувајќи на 17:17. Резултатот до 40 минута уште во два наврати беше нерешен (18:18, 19:19), потоа македонската репрезентација се одлепи на 22:19. Во 42 минута црвен картон заработи Јована Кипријановска. Во тој момент дојде до мал пад во играта на Македонија, па така домаќинките израмнија на 23:23. Тоа беше и последната закана од нивна страна, бидејќи следуваше серија од 3:0 на македонската репрезентација, која се одлепи на 26:23 и до крајот ја одржуваше стекнатата предност.

Одлична партија во дресот на Македонија имаа Сара Ристовска со девет погодоци и Андреа Седлоска која постигна еден помалку, но имаше 100% реализација.

Јована Мицевска го заврши натпреварот со осум интервенции, две запиша Драгана Петковска.