Maкедонија ќе си има работа со „овчари“ и „рибари“ во мај

Ждрепката во Келн за ривал за баражот за Светското првенство ни ја донесе селекцијата на Фарски Острови. Во некои дамнешни времиња без размислување ќе го планиравме патот на СП, но сега мора да бидеме и повеќе од внимателни.

Фарски Острови е селекција со голем напредок, селекција што играше на последното Европско првенство во Германија како дебитант и ремизираше со силната Норвешка, а загуби тесно од Словенија и Полска. Во младинските категории исто така бележат голем напредок и играа на кадетското и младинското ЕП 2022, како и на СП 2023 во двете конкуренции.

Тогаш Европа дозна за Елијас Елефсен а Скипаготу, како и за Оли Митун. Скипаготу е член на Кил, претходно беше дел од Савехоф, а македонската јавност имаше можност да се увери во неговите квалитети на дуелот со Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.

Митун, кој сега игра за шведскиот Савехоф беше МВП на кадетското ЕП 2022 и најдобар стрелец, а ист беше случајот и на кадетското СП 2023. Оваа сезона има одлични бројки во Лигата на Европа, а од претстојното лето би требало да има нов предизвик во кариерата и да се пресели во ПИК Сегед.

Покрај Митун и Скипаготу кои ги покриваат левата и средната бековска позиција, но како и сите скандинавци може да играат на сите бековски позиции, во триото најопасни играчи е десното крило Хакун Вест ав Тајгум. Тој е член на бундеслигашот Фуксе Берлин, а претходно настапуваше за данскиот Архус. Со данскиот тим гостуваше во Битола како ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, па и неговите квалитети се познати откако постигна 11 гола во „Боро Чурлевски“.

Митун не одигра на своето ниво на ЕП, додека Скипаготу и Тајгум беа лидерите на Фарски Острови на трите меча со по 23 погодоци, иако членот на Кил немаше којзнае каков процент на реализација. Двајцата голмани – Јакобсен и Сачвел имаа коректни партии, но не се најсилниот дел од тимот.

Од поширокиот список на 35 ракометари, дури 25 играат надвор од Фарски Острови, а на скратениот список на ракометари кои беа во Германија, само еден беше од домашното првенство. Станува збор за највозрасниот Петер Крох, кој има 33 години, но не доби минутажа.

Селекторот Петер Ларсен покрај триото Тејгум, Скипаготу, Митун, најмногу доверба има во левото крило Хансен, десниот бек Поулсен и пикерот Расмусен. Заедно со голманот Јакобсен, ова е најчесто првата постава на Фарски Острови.

Во оваа држава со околу 55.000 жители, во која населението главно се занимава со сточарство и риболов, ракометот го презема приматот на спорт број 1 по настапите во Германија. Фараните имаа поддршка на трибините во Берлин од повеќе од 5.000 гледачи, а нема сомнеж дека ќе сакаат слично да биде и во Данска, Норвешка и Хрватска, па избраниците на Кире Лазаров не смеат да влезат со никакво потценување во овој двомеч.

Првиот меч ќе се игра во Торшавн на 8/9 мај, додека реваншот ќе биде во Скопје на 11/12 мај.